Економија Пендаровски: Закрепнувањето на економијата се одвива бавно, клучот е во имунизацијата

Пендаровски: Закрепнувањето на економијата се одвива бавно, клучот е во имунизацијата

Фото: Кабинет на претседател

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на првата годишна конференција „Скопје економски и финансиски форум“ на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“, организирана од Министерството за финансии.

„Глобалната економија сè уште е многу фрагилна, а предизвиците се големи. За разлика од лани, општата економска прогноза е подобрена, иако, закрепнувањето, според очекувањата се одвива бавно“, изјави Пендаровски.

Претседателот се осврна и на нашата економија за која рече дека не е исклучок од светските трендови и ги посочи донесените мерки, чија цел беше да се минимизираат загубите во економијата и да им се помогне на најзагрозените сектори.

„Јасно е дека загубите се огромни и ќе треба време за опоравување на македонското стопанство, кое и пред пандемијата не беше во завидна состојба. Но, она што е значајно е дека веќе имаме доволно информации и анализи за да процениме кои одлуки биле погрешни и не треба да се повторуваат, а кои продуцирале позитивни ефекти,“ оцени Пендаровски во обраќањето.

Претседателот порача дека патот кон полноправно членство во ЕУ е приоритет затоа што за европските вредности и за принципите на кои почива заедничкиот европски пазар, за нас, не постои подобра алтернатива.

Во обраќањето, освен ударите врз економијата, претседателот Пендаровски ги нотираше и предизвиците наметнати од пандемијата на ковид-19 во однос на политичката стабилност и довербата во институциите, во однос на управувањето и владеењето на правото и солидарноста на побогатите кон посиромашните. Тој порача дека како поединечни држави не сме изолирани енклави и дека е потребно заедничко делување на глобално ниво.

„Несомнено имунизацијата е клучниот фактор за излез од кризата и во тој процес не смее да се дозволи забавена динамика и нерамномерна дистрибуција на вакцините“, порача претседателот Пендаровски.

На крајот на обраќањето, претседателот Пендаровски порача дека без солидна и континуирана инвестиција во човечкиот капитал економскиот развој не може да биде одржлив и додаде дека за таа цел предуслов е да се даде поддршка на младите кои се образуваат и создаваат во земјава. Тој истакна дека општеството е должно да го развие потенцијалот кај младите и да вложува во нивните идеи.

„Верувам дека токму во пост ковид периодот ќе имаме сет на политички и економски мерки кои ќе поттикнат продукција на нови, свежи концепти на тој план“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето на конференцијата „Скопје економски и финансиски форум“.