Македонија Пендаровски: За младите да останат во земјава им требаат подобри услови за...

Пендаровски: За младите да останат во земјава им требаат подобри услови за работа

Фото: Кабинет на Претседателот на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 1 Мај, Ден на трудот, во порака до јавноста им оддаде признание на сите кои придонесоа за поправеден однос кон работниците. Пендаровски посочи дека развојот и напредокот на Северна Македонија, воедно и предуслов за младите да останат во својата татковина, во голема мера зависи од условите за работа и современите стандарди на работниците.

„Благодарни сме и на сите кои и денес се борат за обезбедување на пристојни услови за работа, соодветни плати и социјална сигурност, градејќи општество каде чесната работа достоинствено ќе се цени и ќе бидат целосно заштитени работничките права, рече Пендаровски.

Тој нагласи дека треба постојано да се преиспитувааат остварените права на работниците, да се спречува експлоатација и да се размислува како да се унапредат за да се постигне поголем просперитет.

„Наша задача е да обезбедиме работниците да го имаат потребното образование и обука, да постои фер третман од работодавачите, да ги отстраниме бариерите за целосно учество на работното место за граѓаните со попреченост. Да се посветиме на обезбедување можности за сите, бидејќи секој работник заслужува почит и има право на достоинствен живот. Честит 1 Мај на сите работници!,“ напиша Пендаровски во својата порака.