Македонија Пендаровски: Став за потпишување указ ќе има по конечната верзија на законите...

Пендаровски: Став за потпишување указ ќе има по конечната верзија на законите за автопатски делници

„Треба да видиме, денеска започнува процедурата за тие осум закони, но не можеме да знаеме однапред во каква конечна верзија ќе бидат“, вели Пендаровски

Фото: Веб-страница на претседател на РСМ

Треба да ја видиме конечната верзија на сетот закони, па потоа ќе кажеме каков ќе биде ставот во однос на указот, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски, во врска со пакетот предлог-закони поврзани со изградбата на автопатите, предложени по скратена постапка.

Со 55 гласови „за“, пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијанса, без ЛДП и без пратеничката Маја Морачанин, денеска ги поминаа во прва фаза предложените законски измени на сет од осум закони со кои треба да се олесни изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10.

„Треба да видиме, денеска започнува процедурата за тие осум закони, но не можеме да знаеме однапред во каква конечна верзија ќе бидат. Можеби ќе бидат изменети со амандмани. Затоа, да ја почекаме дебатата. Мојот тим на правници се веќе ангажирани во следење на дебата и на тоа што ќе излезе како конечен продукт. Во однос на процедурата, тие не се со европско знаменце и ќе има доволно време опозицијата да поднесе аргументирана расправа за овој важен сет на закони“, рече Пендаровски.

Тој потенцира дека ако конечните верзии на законите ги повредуваат правата на граѓаните, ако завлегуваат во правата на трети лица, се разбира дека барем дел од тие закони нема да поминат.