Македонија Пендаровски со наредба кон Армијата за помош на институциите во справување со...

Пендаровски со наредба кон Армијата за помош на институциите во справување со последиците од ковид-19

Фото: Арбнора Мемети

Претседателот и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски, врз основа на член 18, став 1, точка 5 и член 28, од Законот за одбрана, како и генералната наредба за ангажирање на дел од Армијата на Република Северна Македонија во мирновремени услови, односно во услови кога не е прогласена кризна, вонредна или воена состојба, ѝ нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на ковид-19.

„Со оваа наредба, којашто стапува во сила веднаш, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19,“ се вели во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.

„Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини“, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателот. За се спроведе наредбата, Генералштабот на Армијата треба да ги подготви медицинските, силите за транспорт и силите за АБХО на Армијата.

Армијата на Република Северна Македонија и во минатото врз основа на истите правни основи била ангажирана во отстранување на последици од елементарни непогоди и поддршка на државните институции во мирновремени услови.

Оваа одлука на Пендаровски доаѓа откако Владата на последната седница го прифати предлогот на Министерството за здравство за ангажирање на припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна помош на припадниците на МВР.

Владата заклучи за ова да побара согласност од претседателот.