Македонија Пендаровски: Овој празник да ни биде духовна поткрепа за да истраеме во...

Пендаровски: Овој празник да ни биде духовна поткрепа за да истраеме во солидарноста и трпението

Фото: Арбнора Мемети

По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, претседателот на државата, Стево Пендаровски упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан.

„Годинава, за жал, Богојавление – Водици го празнуваме во несекојдневни околности предизвикани од пандемијата на ковид-19, која ги загрози нашите животи, здравје, благосостојба, но и предизвика преиспитување на нашите вредности и уверувања. Сепак, и без масовните собири покрај нашите води, како и со сите останати рестрикции согласно со безбедносните протоколи, повторно ќе ја посведочиме светата тајна на крштевањето. Повторно ќе ги наполниме нашите срца со верба, надеж и со љубов“ вели Пендаровски.

Како што порача претседателот, овој празник да биде духовна поткрепа „за да истраеме во солидарноста, трпението, одговорноста и во грижата за сите наши сограѓани“.