Македонија Пендаровски на Меѓународниот ден на Ромите: Подеднакво да се почитуваат правата на...

Пендаровски на Меѓународниот ден на Ромите: Подеднакво да се почитуваат правата на сите граѓани

Претседателот истакнува дека со новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година, изготвен е план за насочување на политиките на државата со цел заеднички да се надминат децениските проблеми

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

Ромската заедница е нераскинлив дел од мултикултурниот мозаик на нашето општество и потребно е заеднички да продолжиме да ги следиме европските вредности за еднаквост и за почитување на фундаменталните права на сите граѓани подеднакво, се вели во честитката на претседателот Стево Пендаровски по повод Меѓународниот ден на Ромите ‒ 8 Април.

Тој вели дека со новата Стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030 година, изготвен е план за насочување на политиките на државата, со цел заеднички да се надминат децениските проблеми.

„Учеството на ромската заедница во сите општествени, културни и политички текови е нужно за градење праведно, демократско и мултиетничко општество. Сите ние, а особено носителите на функции, имаме генерациска одговорност да го подобриме квалитетот на животот на сите граѓани подеднакво. Нека ни е честит 8 април – Меѓународниот ден на Ромите!“, пишува во честитката.

Честитка за Меѓународниот ден на Ромите упати и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Најголемото богатство на една земја се нејзините луѓе, а Република Северна Македонија во тој поглед има исклучително голема предност, имајќи ја предвид нејзината мултиетничност и мултиконфесионалност, коишто како единство на различности, уште повеќе го афирмираат и унапредуваат нејзиниот граѓански карактер. Во тој колорит Ромската заедница, нашите сограѓани Роми, се суштествен дел кој го прави нашиот граѓански мозаик целосен“, напиша Спасовски на Фејсбук.