Главна секција Пендаровски: Духовното и книжевното дело на Свети Климент Охридски е трајно врежано...

Пендаровски: Духовното и книжевното дело на Свети Климент Охридски е трајно врежано во македонското културно наследство

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски, по повод христијанскиот празник Свети Климент Охридски, упати честитка до Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима.

Во честитката тој пишува дека, како еден од најистакнатите ученици и следбеници на сесловенските браќа, светите Кирил и Методиј, Климент Охридски со отворањето на Охридската книжевна школа, позната и како Прв универзитет на Балканот, остави непроценлив придонес во етаблирањето на словенската култура. Неговото духовно и книжевно дело е трајно врежано во македонското културно наследство, но и во историјата и во традицијата на многу европски земји.

„Мудроста и поуките на свети Климент Охридски се втемелени во светогледот на нашиот народ и на нивните вредности се развива и нашата Македонска православна црква. Инспирирани од неговото дело, во овие сложени времиња исполнети со многу предизвици, да се стремиме кон подостоен живот, живот исполнет со добри дела. Да бидеме солидарни, сплотени, да си посветуваме внимание и да си даруваме љубов. Нека е за многу години големиот празник Свети Климент Охридски“, напиша Пендаровски.