Македонија Пендаровски: Делата и мудроста на Свети Климент Охридски да ни бидат водилка...

Пендаровски: Делата и мудроста на Свети Климент Охридски да ни бидат водилка и патоказ низ премрежјата

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

По повод 8-ми декември, денешниот христијански празник, Свети Климент Охридски, претседателот Стево Пендаровски, упати честитка до Господин Господин Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустиниана Прима, со која им го честита празникот на членовите на Светиот архиерејски синод, на преподобното монаштво и свештенство, како и на сите православни верници, да ви упатам најсрдечни честитки по повод големиот празник Св. Климент Охридски.

„Свети Климент Охридски, верно продолжувајќи го делото на своите учители, Светите Кирил и Методиј, ги постави темелите на духовноста и просветителството на нашите простори. И после 11 века од неговото упокојување, неговото дело го издржа судот на времето, не престанувајќи да биде инспирација и мотивација не само за македонските граѓани, туку пошироко на Балканот и во Европа. Свети Климент Охридски не остави само големо духовно и просветителско наследство, туку и со личен пример на дело покажа што значи милост, трудољубивост, трпение, солидарност. Токму овие доблести ни се неопходни во време, кога како и целото човештво се бориме со пандемијата на Ковид 19 и разорните последици што таа ги носи. За жал токму сега, како народ и држава сме ставени пред дополнителни тешкотии и предизвици, при што ни се негира минатото, обременува сегашноста и загрозува иднината. Посакувам делата и мудроста на Свети Климент да ни бидат водилка и патоказ низ премрежјата, а неговата верба и љубов поткрепа во искушенијата кои само сложни и обединети можеме ги надминеме.

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски упати честитка до сите православни верници. „Во мое лично име и во името на СДСМ, Ви го честитам 8-ми Декември, големиот христијански празник – Свети Климент Охридски. Денеска му оддаваме почит на основачот на првата Охридска книжевна школа, човекот кој на чие дело и посветеност се раѓа словенската литература, на првиот словенски епископ и втемелувач на Охридската архиепископија – Свети Климент Охридски. Благодарение на трудот на Свети Климент Охридски, кој целиот свој живот го посветил на создавање на македонската и сесловенската литература и писменост, денес, сите сме горди на нашето писмо – кирилицата, составен дел на нашиот македонски идентитет“, посочи Николовски со честитката. 

Честитка по повод големиот христиојански празник денеска објави и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во неа се вели дека со право го славиме Свети Климент чие духовното, книжевно и црковно наследство е значаен белег за нашиот народ и држава. „Свети Климент е еден од неколкуте наши знаменити личности кои оставиле светски белег и е вграден дел од нашиот идентитет како народ и земја. Деновите како денешниот се тука да не потсетат дека сме опстоеле со векови и ќе опстоиме, допринесувајќи за светскиот развој и добробит на народите ширум светот“, стои во честитката на Мицкоски.