Економија Пазарниот удел на „Вип“ е 28,5 проценти, бројот на корисници намален на...

Пазарниот удел на „Вип“ е 28,5 проценти, бројот на корисници намален на 624.000

Како резултат на силната конкуренција во мобилниот сегмент и трендот на намалување на вкупната пенетрација на пазарот, бројот на мобилни корисници на „Вип“ се намали до 624.000 корисници, при што пазарниот удел на „Вип“ остана на ниво од 28,5 проценти. Со аквизицијата на „Близу“, сегментот Македонија брои околу 86.000 фиксни пристапни линии за првите девет месеци од 2015 година.

Ова го покажуваат финансиските резултати за третиот квартал на групацијата „Телеком Австрија“, како и за првите девет месеци од 2015 година, вклучувајќи ги и резултатите од работењето на сегментот Македонија.

Приходите во Македонија, вклучувајќи го и „Близу“, изнесувааат 50,5 милиони евра за девет месеци од 2015 година, што претставува пораст од 12,7 проценти во споредба од истиот период минатата година.

Во истиот период, заработката пред камати, даноци, амортизација и депрецијација (ЕБИТДА) забележува пораст од 25,4 проценти и достигна 11,6 милиони евра. Оперативните трошоци се зголемија за 11 проценти споредено со истиот период од минатата година и оперативната добивка забележа пад до 466.230 евра.

Резултатите од работењето на новиот ентитет „Оне-Вип“ ќе бидат внесени во извештаите на групацијата „Телеком Австрија“ во четвртиот квартал од 2015 година.