Ctrl - Z Патување меѓу градови со брзина од над 1.000 километри на час, „Virgin“...

Патување меѓу градови со брзина од над 1.000 километри на час, „Virgin“ го претстави превозот на иднината

Скриншот од видеото на Virgin Hyperloop, извор: YouTube, Virgin Hyperloop

Ново средство за масовен превоз што ќе ги постави стандардите за патување на 21-иот век со брзина на движење што ќе достигнува 670 милји, или 1.078 километри на час. Ова е најновата видео презентација на проектот „Virgin Hyperloop“ на милијардерот Ричард Бренсон, чиишто соништа за намалување на времетраењето на патување и пронаоѓањето на нови превозни средства на иднината не мируваат јавува Си-ен-ен.

Новиот супер-воз на батерии ќе се движи во вакуумска цевка, која што би им овозможила на вагоните да ја достигнат спектакуларната брзина која ќе им овозможи на патниците за неколку минути да отпатуваат од еден во друг град. Со ова превозно средство, меѓу Скопје и Атина, Скопје и Будимпешта, Братислава или другите градови од Средна Европа би можело да се патува за еден или помалку од еден час.

Бренсон го изврши првото тестирање на идното превозно средство во ноември минатата година, а плановите му се првиот супер-воз да го пушти во употреба во 2027 година. Ова превозно средство засега се наоѓа во фаза на тестирање, при што досега се направени повеќе од 400 тестови.

И покрај различната технологија од постојната железничка инфраструктура и превозни средства, идејата на овој проект е слична на постојните пруги: да се постават меѓусебно поврзани вакуумски цевки кои ќе можат да се издвојат од главниот коридор, односно да постојат јазли кои би им овозможиле на вагоните да се движат кон различни правци или дестинации.

Со ова превозно средство би можеле да патуваат десетици илјади патници на час во еден правец. Сепак, Си-ен-ен појаснува дека технологијата на „Virgin Hyperloop“ останува недокажана до денешен ден, односно преостанува да се направат уште редица на сериозни истражувања пред комерцијалното пуштање во употреба на еден ваков проект.