Дописници Партија на обединети пензионери: Власта е уплашена од соочувањето со народот на...

Партија на обединети пензионери: Власта е уплашена од соочувањето со народот на вистински демократски избори

„Откако се потпиша Договорот во Пржино и се договорија предвремени парламентарни избори, Владата и Груевски веќе ја почнаа својата предизборна кампања. Безобразно и безобзирно го злоупотребуваат јавниот сервис и националните телевизии со купените уредници“, реагираат од Партија на обединети пензионери.

„Уплашена од соочувањето со народот на вистински демократски избори, власта се обидува да го саботира договорот за излез од политичката криза, надевајќи се повторно на резултатите што ги постигнуваше со старите испробани манипулантски практики. Самопрогласените „реформатори“ сега промовираат, во „еден чекор“, намалување на глобите за компаниите, ја „укинуваат“ обврската „хонорарците“ да плаќаат придонеси, го повлекоа Законот за високо образование, преку ноќ го променија ставот кон СОНК. Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, ги повикува граѓаните на Република Македонија и гарантите на Договорот од Пржино, користејќи го речникот на Прибе, да кажат отворено и јасно „доста е“, бидејќи само таквиот тон и таквиот јазик оваа самобендисана власт може да го разбере. Тоа би бил првиот практичен чекор кон спроведување фер и демократски избори наредната година, а во спротивно ризикот од продлабочување на политичката криза станува сè поизвесен“, се вели во партиското соопштение.