Свет Панама формира комитет за проверка на транспарентноста

Панама формира комитет за проверка на транспарентноста

Панамската влада ќе формира независен комитет од домашни и од меѓународни експерти за да ја провери транспарентноста во финансиската офшор-индустрија во земјата.

Претседателот на Панама, Хуан Карлос Варела, настојува да ја зајакне довербата во финансиската индустрија откако 11,5 милиони документи протекоа од панамската адвокатска фирма „Мосак Фонсека“, со кои е откриено офшор-дејствувањето на светската елита и кои покажуваат дека компанијата им помогнала на клиентите да избегнат плаќање данок.

Варела синоќа рече дека наодите на комитетот ќе бидат споделени со други земји за да преземат заедничка акција за зајакнување на транспарентноста во правните и во финансиските центри во светот.

Еден од основачите на адвокатската канцеларија, Рамон Фонсека, изјави дека неговата фирма поднела тужба до панамското обвинителство во која се наведува дека податоците се украдени со хакерски напад од странство.