Подглавна секција Пакистански град со 13 милиони луѓе затворен поради загаденоста

Пакистански град со 13 милиони луѓе затворен поради загаденоста

Затворени се училиштата, градските паркови, трговските центри и канцелариите во Лахоре, вториот по големина град во Пакистан

Фото: Смог над Индија и Пакистан, NASA Earth Observatory image by Jesse Allen, using VIIRS data from the Suomi National Polar-orbiting Partnership. Story by Mike Carlowicz, with image interpretation from Andy Ackerman (NASA GISS), Hiren Jethva (NASA GSFC) and Steve Lang (NASA GSFC)., Public domain, via Wikimedia Commons

Нивото на загаденост на воздухот во пакистанскиот град Лахоре, кој е втор по големина во Пакистан, се смета за „опасно“ според швајцарската компанија IQAir, која го следи квалитетот на воздухот низ светот, известува Си-ен-ен.

За да се справи со високото ниво на загаденост, во Лахоре, како и во градовите Гурјанвала и Хафизабад, е прогласена вонредна состојба во однос на животната средина и здравјето. Ова значи дека се затворени училиштата, градските паркови, трговските центри и канцелариите.

Во регионот во кој се наоѓа Лахоре, кој вклучува и градови во Индија како Делхи, речиси секоја зима се забележува загрижувачко ниво на аерозагадување. Оваа појава е последица не само на токсичните честички произведени од индустријата и од возилата, туку и од палењето на полињата со ориз во подготовка за засадување на житарици. Ниските температури потоа ги „заробуваат“ овие штетни честички, што пак доведува до оформување на смог.

Пред само неколку дена индискиот врховен суд им нареди на општините околу Делхи да ги спречат земјоделците да ги палат своите полиња.