Македонија Пакетот закони за заштита од полициска бруталност одат на комисиски расправи

Пакетот закони за заштита од полициска бруталност одат на комисиски расправи

Собранието на денешната пленарна седница ги усвои заклучоците за пакетот законски измени со кои се предвидува формирање на надворешни механизми за заштита од полициска бруталност.

Пратениците од парламентарното мнозинство, без опозицијата, која не учестува во работата на законодавниот дом, по брза постапка, без расправа одлучија измените на законите за извршување санкции, за јавно обвинителство, за јавнообвинителска служба и за судовите и на законот за кривична постапка да одат во натамошна постапка, односно да бидат разгледани и усвоени од Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и од Законодавно-правната комисија.

Со законските решенија се предвидува формирање на посебни одделенија во Обвинителството и во судот за истражување и гонење на кривични дела сторени од полициски службеници и припадници на затворската полиција.

Пратеничката на Нова социјалдемократска партија, Соња Мираковска, рече дека со нив се поставуваат механизми кои ќе гарантираат дека човековите права на граѓаните нема да будат кршени со прекумерна употреба на сила.

– Ќе потсетам на тортурата при упадот во „А1 телевизија“, како Мартин Нешковски го изгуби животот и како беше направен обид да се скрие убиството, нема да се заборави бруталноста на полицијата при упадот во библиотеката „Браќа Миладиновци“ за време на протестите токму за Мартин Нешковски, ќе потсетам на тепањето на студентите за време на студентските избори. Ние се задолживме со планот „3-6-9“ да се справиме со полициската бруталност – рече Мираковска.