Дописници Падна една од куќите на Жан Митрев во Ново Село

Падна една од куќите на Жан Митрев во Ново Село

Силните врнежи урнаа една од четирите стари куќи на кардиохирургот Жан Митрев во Ново Село. Овие автентични куќи Митрев пред некој ден ги подари на Општината Штип, која ќе бараше донатори за да ги реконструира.

Куќите, кои се заштитени со закон како стара градска архитектура, се целосно распаднати и претставуваат реална опасност за минувачите. Руинираните градби се наоѓаат на фреквентна улица, каде секојдневно минуваат луѓе и возила.

Општината Штип пред два месеца почна да ги урива, меѓутоа работите беа запрени поради немање неопходи дозволи.

– Ние мораме да се водиме со законот за заштита на културното наследство, во кој има определен режим на заштита, една технологија по која ќе се врши конзервацијата и реконструкцијата на таквите објекти кои се заштитени со закон. Во таа насока, ние поднесовме пријава до Управата за заштита на културното наследство, во моментот кога Општината почна да ги урива овие објекти, а за тоа немаше адекватна документација, односно дозволи – изјави неодамна директорот на Заводот и музеј од Штип, Зоран Читкушев, кој упати повик за дозволи до Управата за заштита на културното наследство.

Кардиохирургот Жан Митрев, кој потекнува од Штип, ги купи овие стари куќи со намера да ги предаде на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој планираше во нив да ги смести Институтот за историја и Факултетот за ликовна уметност.