Култура Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава ќе трае 10 дена

Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава ќе трае 10 дена

Интернационалниот фестивал на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ и операторот „Вип“ денеска најавија дека фестивалот ќе се одржи од 18 до 27 септември.

Директорот на фестивалот, Димитар Николов, ги истакна новите програми што ќе бидат вклучени во фестивалот, „Нов европски филм“ и „СЕЕ камера“.

„Реномето на фестивалот „Браќа Манаки“ ме мотивираше да создадам програма што само ќе го прави уште подобар, позначаен и модерно ориентиран. Фестивалот, секако, ќе си ја задржи својата основна линија –да ја промовира работата на „малите, незабележливите“ луѓе што стојат зад камерата. Фестивалот ќе трае десет дена, затоа што тоа е практиката на сите светски фестивали, а „Браќа Манаки“ не е ништо помалку од тоа. Фестивалот, освен со веќе постојните и препознатливи програми, ќе го збогатиме со две нови програми, „Нов европски филм“ и  „СЕЕ камера“. Програмата „Нов европски филм“ ја воведуваме за да привлечеме млади филмски автори, кои своите први филмови би ги прикажале премиерно, а на фестивалот би му овозможиле нови можности за финансирање од европските фондови, како и побрза категоризација. Со програмата „СЕЕ камера“ сакаме да ја промовираме работата на авторите и на кинематографите од Југоисточна Европа“, истакна директорот Николов.