Дописници Отворени еко-пазари во општина Маврово – Ростуше

Отворени еко-пазари во општина Маврово – Ростуше

Традиционалните еколошки производи од областа на општина Маврово – Ростуше отсега ќе можат да се најдат и да се купат на пазарите во оваа општина.

Денеска и двата пазари беа официјално отворени во рамки на проектот „Промоција на еко-производи во прекуграничната област“, финансиран од Европската унија, како дел од ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија.

И на двата пазари, можеше да се забележат најразлични традиционални млечни производи, мед и разни шумски плодови.

Ваквата организирана продажба, според локалните жители, ќе го зголеми пласманот на производите кои за нив се единствена егзистенција.

– Продавам мавровски качамак, разни компоти, имаме и овошје кое воопшто не е прскано. Мислам дека овој пазар ќе обезеди поголема продажба на нашите производи, како на домашните, така и на странските гости – изјави жителка на Маврово.

Еко-пазарите се добродојдени и за жителите од општина Маврово – Ростуше, кои за поголемиот број од продуктите досега мораа да одат на пазарите во Дебар и во Гостивар.