Македонија Отворена втора читална во општина Центар

Отворена втора читална во општина Центар

Во општина Центар се отвори втората читална која го носи името на еден од основоположниците на современата македонска книжевност и еден од првите членови на МАНУ, Ацо Шопов. Читалната се наоѓа во трговскиот центар „Беверли хилс“ во Капиштец на првиот кат и има фонд од 2.000 книги од сите жанрови, а зачленувањето е бесплатно.

– Да го зачуваме она што се губи кај нас. Кога се одлучивме да ја отвориме читалната „Славко Јаневски“, најдовме едвај десетина книги од Славко Јаневски. Денес има повеќе од 200 изданија. Тоа е идејата и со втората читална „Ацо Шопов“. Нема многу наслови, но ќе дојдеме до посакуваното ниво – рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Академикот Томе Серафимовски донираше три скулптури – портрети во бронза на Ацо Шопов, Блаже Конески и на Рајко Жинзифов, како и 101 книга.

– Среќен сум што можев и јас да дадам придонес со мојата скромна работа. Засега тоа се три скулптури, но читалната „Ацо Шопов“ ќе има исто толку скулптури колку што има и читалната „Славко Јаневски“. Се надевам дека следната читална ќе го носи името на нашиот „Блаже Конески“ – рече академик Серафимовски.