Македонија Отворена народна кујна во Шуто Оризари, ќе обезбедува храна за над 300...

Отворена народна кујна во Шуто Оризари, ќе обезбедува храна за над 300 лица во социјален ризик

Зоран Заев народна кујна Шуто Оризари фото: влада на РСМ

Во Општина Шуто Оризари денеска е отворена народна кујна која ќе обезбедува храна и оброци за 320 до 380 граѓани во социјален ризик. Оброците ќе се подготвуваат во детската градинка „8 април“, која беше опожарена во 2017 година. Првата фаза од обновата е завршена и дел од градинката веќе функционира, со капацитет да згрижи 150 деца. Министерството за труд и социјална политика учествува во опремување на градинката во вредност од 6,5 милиони денари, додека градежните активности се реализираат со 1,5 милиони долари од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград преку УНДП.

Ова го посочи премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска направија увид на втората фаза на изградба на оваа градинка и на Центарот за деца од улица.

„Општинската народна кујна е пример на кој можат да се угледаат и другите општини каде живее население во социјален ризик. Сакам да ја истакнам улогата на волонтерите во народната кујна, готвачите и оние што ја разнесуваат приготвената храна на своите сограѓани и да им честитам на сите општествено одговорни компании и фондации кои учествуваат со свои донации, народната кујна секојдневно да ја исполнува својата хумана мисија. Тие се инспиративен пример за да се вклучат што поголем број на компании, бизнисмени, политичари, во вакви општествено одговорни проекти“, рече Заев.

Министерката Шахпаска ја поздрави иницијативата на Општина Шуто Оризари за отворањето на народна кујна и посочи дека покрај грижата за најранливите, високо на агендата на МТСП е и грижата за најмладите.

„Градинката „8 април“ е заеднички проект со Кралството Норвешка и УНДП. Нашата цел е да се догради и вториот дел, со кој би се опфатиле вкупно 306 деца, од кои 70 во јасли. Ова значи и овозможување на мајките да се вклучат на пазарот на трудот“, истакна Шахпаска.

Изградбата на Центарот за деца од улица е планирано да заврши во мај оваа година, со што се обезбедува капацитет да згрижува 100 деца од улица, на возраст од 5 до 13 години, со целодневен престој и под грижа на 8 стручни работници.

Претседателката на Општински совет на Шуто Оризари Фатима Османовска, истакна дека денешната посета ги охрабрува и дава позитивен сигнал за вклучување на институциите во имплементацијата на народната кујна.