Македонија Отворен пунктот за тестирање на корона вирус и во поликлиниката Идадија (Млин...

Отворен пунктот за тестирање на корона вирус и во поликлиниката Идадија (Млин Балкан)

Од денеска во функција е ставен пунктот во поликлиниката Идадија (Млин Балкан) и граѓаните ќе можат да направат тестови за корона вирус. Како што соопшти Министерството за здравство, граѓаните на Скопје можат да се тестираат во четири пункта: во поликлиниките Јане Сандански, Ченто, Чаир и Идадија (Млин Балкан). Со тоа двојно е зголемен капацитетот за тестирање во Скопје.

„Од минатата недела во функција се и пунктовите во Штип, Тетово, Струмица, Прилеп, Охрид, Куманово, Кочани, Битола, Велес, Кавадарци, Гевгелија и Струга. Граѓаните можат да одат на тестирање само во точниот термин, закажан преку матичниот лекар, а не директно во пунктот. Тоа важи за оние кои имаат симптоми на КОВИД-19, но и за тие без симптоми. Сите треба да се јават кај својот матичен лекар и точно и вистинито да одговорат на епидемиолошката анкета. Матичниот лекар врз база на евалуација на здравствената состојба и податоците, го спроведува тестирањето, односно укажува на тоа дали за пациентот е потребно тестирање. Во овој процес се вклучени околу 1.200 матични лекари кои освен за детекција, се задолжени и за следење на пациентите“, соопштија од Министерството за здравство.

Како што информираше на вчерашната прес-конференција министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, до крајот на неделата почнуваат со работа и други пунктови во државата, во здравствените домови, согласно големината на градот, што значи трикратно зголемување.