Економија Осмо продолжение на комисиската расправа за ребалансот на буџетот

Осмо продолжение на комисиската расправа за ребалансот на буџетот

Комисијата за финансирање и за буџет денеска ќе ја продолжи расправата за ребалансот на буџетот за 2017 година, на осмото продолжение на седницата кое треба да почне во 11 часот.

Од ВМРО-ДПМНЕ и пред почетокот на оваа седница остануваат на ставот дека со ребалансот на буџетот се крати на капитални инвестиции.

„СДС со подготвениот ребаланс на буџетот крати на капитални инвестиции, нема зголемување на пензии и на социјална помош, нема зголемување на платата за 5 отсто за вработените во администрацијата. Се кратат милиони евра за реформи во судството и во полицијата, стотици милиони денари за канализации и за водоводи, се кратат пари за центри за социјална работа, се кратат една милијарда денари за образованието, за студентски домови, за универзитети и уште десетици и десетици други проекти во интерес на граѓаните“, велат од партијата.

Вчера извршниот одбор на Здружението на јавните обвинители испрати писмо до претседателот на Собранието на Република Македонија, до генералниот секретар на Собранието и до Владата во кое побара со ребалансот што го предложи Владата да не се кратат првично предвидените пари за Јавното обвинителство на Република Македонија и за примената на Законот за кривична постапка.