Македонија Османи ѝ се заблагодари на амбасадорка на ОБСЕ за придонесот во развојот...

Османи ѝ се заблагодари на амбасадорка на ОБСЕ за придонесот во развојот на демократијата

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со амбасадорката на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, по повод завршувањето на нејзиниот мандат и нејзиното заминување.

Како што информираат од неговиот кабинет, вицепремиерот изразил огромна благодарност за нејзиниот личен ангажман, како и за поддршката за време на мандатот како амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во нашата земја.

-Мисијата на ОБСЕ имаше важна улога во надминувањето на многуте предизвици изминатиов период, особено во делот на изборните реформи, но и севкупно, во имплементацијата на принципот на владеење на правото – истакнал Османи притоа додавајќи дека поддршката на ОБСЕ уште од самите почетоци на демократскиот развој на Македонија претставува нераскинлив дел од изградбата на демократското општество.

За време на разговорот соговорниците размениле податоци за поддршката и помошта што Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Македонија во насока на исполнување на реформите и во другите области, како што се судството, медиумите, граѓанскиот сектори итн. Тие изразиле задоволство од досегашната соработка и заеднички изразиле надеж дека поддршката и соработката меѓу ОБСЕ и Владата на Република Македонија ќе продолжи и во иднина.