Македонија Османи: Очекуваме помош од Германија и во финалната фаза за евроинтеграциите

Османи: Очекуваме помош од Германија и во финалната фаза за евроинтеграциите

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со Торстен Фрај, пратеник во германскиот Бундестаг, кој е во посета на Македонија на покана на Фондацијата „Конрад Аденауер.“

На средбата соговорниците се осврнале на најновите случувања и текови во однос на напредокот на земјата во процесот на европска интеграција, особено во контекст на резултатите од референдумот и евроатлантските перспективи на земјава.

„Добивме јасна порака од граѓаните до политичките елити да ја преземат одговорноста и да и обезбедат на земјата евроатлантска иднина“, потенцираше Османи, посочувајќи на Парламентот како институција каде треба да продолжи имплементацијата на Договорот од Преспа во чија реализација треба да се вклучат сите политички фактори.

„Имплементацијата на овој Договор ќе се движи паралелно со процесите на имплементација на реформите и обврските дефинирани во заклучоците на јунските самити, како и соодветната реализација на објаснувачкиот скрининг со Европската Комисија кој започна минатата недела“ – истакна Османи.

Османи пренесе благодарност во името на Владата за севкупната поддршка од страна на Германија на Македонија, изразувајќи надеж дека и во оваа финална фаза, заеднички ќе ги надминеме последните предизвици за заокружување на евроатланската перспектива на земјава.