Македонија „Орка Холдинг“ и „Интернет груп инвестмент“: Ги продадовме уделите во „Графички центар“

„Орка Холдинг“ и „Интернет груп инвестмент“: Ги продадовме уделите во „Графички центар“

Компаниите „Орка Холдинг“, и „Интернет груп инвестмент“ доцна попладнево соопштија дека ги продале своите удели во „Графички центар – Скопје“ сопственикот на „Медиа Принт Македонија“ (МПМ).

Во соопштенијата од двете компании се наведува дека одлуката за продажба на уделите била донесена од Управните одбори на фирмите, на 12 декември 2016 година, а биле спроведени од Централниот регистар на Република Македонија на 15 февруари 2017 година.

Уделите двете компании ги продале по „номинална цена“.

Од компаниите велат дека сите обврски што ги иамле кон вработените заклучно со 31 декември 2016 година се подмирени, а во наредните денови „ќе се подмират и обврските кон платите за месец јануари 2017 година“.

МПМ e издавач на дневните весници „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, порталот „Телеграф“ и магазинот „Теа модерна“.

Информацијата од двете компании, за продажбата на уделите, доаѓа еден ден пред најавениот штрајк на новинарите и медиумските работници во „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, поради неисплатени плати.