Свет Европа Орбан го повлече предлогот за оданочување на интернетот

Орбан го повлече предлогот за оданочување на интернетот

Протестите го оневозможија воведувањето на данокот

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека се повлекува предлогот на владата за оданочување на користeњето интернет од идната година. Тој изјави дека во сегашната форма и во вакви услови интернетот не може да се оданочи.

– Протестите го оневозможија воведувањето на данокот. Данокот не може да биде воведен во неговата сегашна форма. Никаков закон не може да биде утврден во тие околности – рече Орбан во интервју за унграрското државно радио.

Десетици илјади граѓани протестираа во неделата и во вторникот на улиците на Будимпешта и во неколку други градови поради планот на владата да се плаќа данок од 700 форинти или 2,27 евра по корисник и 5.000 форинти за фирми месечно. За вечер демонстрантите најавија прослава на одлуката на владата да се откаже од намерите. Протестите беа најмасовните од доаѓањето на конзервативецот Орбан на власт во 2010 година.
Новиот закон, кој требаше да се гласа во Парламентот на 17 ноември, беше остро критикуван и од Европската комисија, а опозицијата тврдеше дека со овој данок, всушност, се ограничуваат основните слободи.