Дописници Општинскиот секретар Спасески бара 5.000 евра од советникот Блажески

Општинскиот секретар Спасески бара 5.000 евра од советникот Блажески

Град Охрид

Секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески, со тужба за навреда и за клевета, бара 5.000 евра од членот на Градскиот совет, Дејан Блажески, кој е и претседател на општинската организација на ЛДП, но и член на највисокото партиско раководство во Скопје.

Советникот Блажески, преку советничко прашање на седница на Советот на Општината, но и со соопштение од прес-конференција, наведе Спасески, го довел во врска со сомнителни активности околу подигнувањето на лизгалиштето на централниот градски плоштад Свети Климент Охридски, во Охрид, минатата зима.

Секретарот на општината, како што рече на денешното рочиште во Основниот суд во Охрид, добил стрес и немир – личен и семеен, му била навредена личноста и нарушен угледот и тоа за новогодишните и божики празници, минатата година, поради што и не бил во состојба да ги прослави.

Секретарот, откако го даде личниоит исказ, го напушти рочиштето.

– Мое, како советник во Градскиот совет, е да прашувам, а на секретарот како општински функционер, е да одговара на советничките прашања. Јас само прашав дали е тој потписник на договорот, без да наведувам дали е штетен или не? Не е мое, институциите нека проверуваат за евентуалната штетност, иако јас и не верувам во нив, особено не во судството – вели  советникот Блажески за новинската агенција „Мета“.
Тужениот советник Блажески, кој е економист по професија, денеска имаше бранител од Скопје, откако ниту еден од адвокатите во Охрид не прифаќал да го брани.