Македонија Општина Центар: Министерството за финансии ја блокира работата на новата градинка

Општина Центар: Министерството за финансии ја блокира работата на новата градинка

Министерството за финансии го блокира комплетното и нормално работење на новата градинка „Кочо Рацин“, обвинуваат од Oпштина Центар.

– Поради недостиг од персонал, во објектот не функционира ниедна група јасли. Најмодерните јасли во Македонија, со подно греење, со кујна по европски стандарди, со посебен влез и лифт, не можат да примат деца бидејќи Министерството за финансии и по 10 барања и интервенции, континуирано од февруари годинава, останува глуво на барањата за вработување на една воспитувачка, седум негувателки, три хигиеничарки, еден готвач и еден садомијач. Во ек на кампањата „Македонија вработува“, децата треба да седат дома, а и нивните родители, затоа што министерството ни ја блокира работата. Тоа е суровата реалност во општина Центар – рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Жерновски посочува дека по петнаесеттината барања и ургенции за вработувања во градинката, кои според него досега биле залудни, со доаѓањето на новиот министер за труд и социјална политика, веднаш биле прифатени.

Од Општина Центар велат дека кај родителите има револт кој најавуваат дека ќе го искажат пред министерството, зашто оттаму нема согласност за вработувања и во другите градинки што се на територија на општина Центар.