Галерија Општина Сарај почна да ги руши објектите во кругот на Езеро Треска...

Општина Сарај почна да ги руши објектите во кругот на Езеро Треска (галерија)

Фото: Арбнора Мемети

Општинските власти од Сарај започнаа со рушењето на објектите околу Езеро Треска. На терен градежна механизација ги отстранува бунгаловите, тоалетите, гардеробите, рестораните, кафулињата и останатите објекти изградени во 70-тите години од минатиот век. На крајот од минатата година, Општина Сарај им даде рок од 60 дена и на сопствениците на неколку стотици камп приколки во кругот на езеро Треска за да ги отстранат нивните објекти.

На ова, сопствениците на приколките веќе негативно реагираа, посочувајќи дека ќе бидат приморани нивните приколки да ги паркираат пред зградите во кои живеат, со што дополнително ќе се узурпира јавниот простор и паркинзите во Скопје.

Од Општина Сарај велат дека рушењето на објектите во кругот на езерото е дел постапката за заживување на езерото Треска. Деталниот урбанистички план за езеро Треска веќе е донесен од Советот на општина Сарај, а владата земјиштето околу овој комплекс го пренамени од земјоделско во градежно.

Властите од оваа општина веќе побарале од владата езеро Треска да се прогласи за слободна туристичка зона. Сепак, за да започне било каква изградба на најавениот хотелски комплекс и викенд населбата, најпрво ќе треба да се отстранат и камп приколките. Општина Сарај засега нема објавено кога точно ќе почнат градежните работи за ревитализација на езерото Треска, ниту пак кој е инвеститорот во новиот комплекс.

Она што се знае е дека покрај во изградба на нови објекти, ќе треба да се вложи и во реконструкција на изграденото вештачко езеро, спортските терени, базените, тушевите, плажите и зеленилото во рамките на Треска.