Дописници Општина Маврово – Ростуше им наплаќа на викендичките за чистење снег

Општина Маврово – Ростуше им наплаќа на викендичките за чистење снег

На сопствениците на викендички од Маврово почна да им се наплаќа и за чистење снег, надоместок кој е дел од сметката на Јавното комунално претпријатие на Општина Маврово – Ростуше. Покрај вообичаените пресметки за вода и за ѓубре, додадена е нова – за чистење снег, во износ од 600 денари. Сопствениците сметаат дека чистењето на снегот е обврска на локалните власти.

– Непријатно се изненадивме кога ги добивме сметките. Моето семејство со децении има викендичка во Маврово и досега немало вакво нешто – се пожалија сопственици на викендички.

Од Општина Маврово – Ростуше велат дека одлуката да се наплаќа за чистење снег, била изгласана на седница на совет.

– Некои реагираат, не сакаат да плаќаат, но секогаш има такви примери. Ни се случува да се бунат и за сметките за отпад – изјави директорот на комуналното претпријатие „Маврово“, Васе Ѓорѓиевски.

Со наплатата за отстранување на снегот на сметката на комуналното претпријатие месечно ќе легнат 630.000 денари. Овие дополнителни издатоци граѓаните ќе треба да ги плаќаат само во зимските месеци.