Македонија Општина Карпош мапираше 13 критични точки за потенцијални депонии

Општина Карпош мапираше 13 критични точки за потенцијални депонии

Надлежните служби во Општина Карпош мапираа 13 локации на територија на Општината каде што има создадено отпад на јавни површини, информираат од таму. Преку стратешки пристап и нивно мапирање, локалната самоуправа презема мерка за чистење на овие т.н. диви депонии.

„Како дел од мерките и активностите предвидени во Акцискиот план за спроведување на мерки и активности дефинирани со ЛЕАП (Локален еколошки акционен план за  2019 година, од областа отпад), Секторот за екологија и енергетска ефикасност започна со евидентирање и изготвување на листа и мапа на ѓубришта на територија на Општина Карпош. За истата цел, Секторот  соработуваше со урбаните заедници во Општината. Урбаните заедници, од нивна страна пак, пријавија можни локации за несоодветно и несовесно одлaгање на отпад на територијата на Карпош“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека, при оваа акција е констатирано дека е зачестена појавата на несовесно одлагање на отпад на повеќе локации, јавни површини во Општина Карпош каде што се поставени контејнери. За таа цел, изготвена е мапа на покритични ѓубришта на територија на Карпош, а и Општината веќе презема превентивни и конкретни активности тие да не прераснат во депонии.

„Локалната самоуправа ги интензивираше инспекциските контроли, со тоа што десет службеници од урбаните заедници добија овластување за комунални редари, со цел да се санкционираат загадувачите на терен. Општина Карпош започна со чистење на овие критични локации. Минатата недела се исчисти депонијата во Злокуќани, кај фудбалското игралиште. Исто така, се подигнаа депониите кај „Газела“ (спроти Карпош 4) и во близина С.Ц. „Борис Трајковски“. Следува чистење на депонии во близина на реката Лепенец и од другата страна на мостот „Газела““, додаваат од Општината.

Општина Карпош започна и со информативна кампања, која ќе допре до сите граѓани за правилно одлагање на џебниот, комуналниот, кабастиот, електричниот и електронскиот отпад.