Македонија Општина Ѓорче Петров бара да не ѝ се верува на „Извесна Ивана“...

Општина Ѓорче Петров бара да не ѝ се верува на „Извесна Ивана“ која нарачувала храна и пијалоци во име на градоначалникот

Фото: Мета.мк

Општина Ѓорче Петров преку соопштение за јавноста предупреди да не ѝ се верува на извесна Ивана, која во име на Општина Ѓорче Петров и градоначалникот Александар Стојкоски во изминатиот период се јавувала или се појавувала во угостителски објекти и порачувала храна и пијалоци, наводно за општината и градоначалникот, а потоа барала фактурите да се испратат на фирми што соработуваат со општинската администрација. Наводно, измамничката на угостителите дури им кажувала податоци што треба да ги внесат во фактурите.

„Најостро го осудуваме овој чин на измама и истовремено информираме дека Општина Ѓорче Петров нема склучено Договор за угостителски услуги и не врши набавка на угостителски услуги. Преземени се дејствија од страна на Општина Ѓорче Петров во однос на прибирање на сите докази и пријавување на случајот до надлежните органи“, се вели во соопштението.

Целосно оградувајќи се од ваквите постапки, Општина Ѓорче Петров апелира угостителите да бидат внимателни и да не дозволуваат да бидат измамени. Но, доколку тоа се случи, треба веднаш да ја контактираат општинската администрација на 02 20/44-411, или на kontakt@opstinagpetrov.gov.mk, како и да го пријават случајот во полиција.