Македонија Општина Центар ќе отстрани 4 дрвја за изградба на градинка во населба...

Општина Центар ќе отстрани 4 дрвја за изградба на градинка во населба Пролет, но ќе насади 20 јавори

Илустрација: Општина Центар

Општина Центар најави дека поради изградбата на детска градинка во населба Пролет, ќе наложи да се отстранат 4 дрвја за да се ослободи простор за градинката. Од општината посочуваат дека подоцна во дворот на градинката ќе пресадат 4 јасени, а на местото на отстранетите дрвја ќе засадат 20 јавори.

Како што посочуваат од Општина Центар, првата детска градинка во населба Пролет ќе се гради на вкупна бруто површина од 3276 метри квадратни, со што ќе биде една од најголемите детски градинки во државата.

„Во наредните денови ЈП „Паркови и зеленило“ по налог на општината ќе отстрани 4 дрва (2 копривки, липа и софора), со кои ќе се ослободи простор и ќе се овозможи изградба на градинката. Дополнително, со помош на специјална механизација, ќе бидат пресадени уште 4 јасени во парцелата на која ќе се гради градинката“, соопштија од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека на местото на отстранетите дрвја, ќе засадат нови 20 високо калемени садници од видот Јавор (Acer campestre) и друг вид на средно и ниско зеленило кое на просторот околу објектот на градинката ќе му даде нова свежина и нов лик.

„По завршувањето на градежните активности поврзани со новата градинка, ќе се добие зелена површина на околу 2000 метри квадратни, со што општината ќе заштити животната средина, а овој простор ќе стане ново зелено катче во населбата Пролет“, се вели во соопштението.

Како што потенцираат тие, ова е првата целосно нова градинка која ќе се гради во Општина Центар по повеќе од 50 години, прва воопшто во населбата Пролет.