Македонија ОМД: Лидерите да работат Македонија да биде модел за демократија

ОМД: Лидерите да работат Македонија да биде модел за демократија

Сите политички лидери во Македонија да ги тргнат на страна нивните разлики и да ги стават во преден план иднината на државата и на македонските државјани, се вели во писмената изјава на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), по поводот националниот празник 2 Август – Денот на Републиката.

– ОМД верува дека Илинденското востание служи како постојан потсетник за секој Македонец, независно од тоа каде се наоѓа во светот, за маките, страдањата и за посветеноста на нашите предци да се изборат за суверена и независна Република Македонија. Додека го славиме Илинден, од голема важност е да се потсетиме и на идеите врз кои е основана Република Македонија – татковина на Македонците, нација составена од различни култури и религиски групи, и држава што ќе биде совршен пример за демократијата во Југоисточна Европа. Визијата на ОМД е Македонија да биде модел за демократија, што сите други држави во регионот ќе се стремат да го достигнат – стои во изјавата на ОМД.

Од ОМД ги повикуваат политичките лидери во Македонија да работата на враќање на довербата кај граѓаните и да ја поправат „моменталната ситуација што ја има нарушено сликата за Македонија“.

– ОМД е подготвена да работи со политичките субјекти во Македонија во процесот на зајакнување на државата и нејзино враќање на траекторијата кон политичка и социо-економска стабилност, за Македонија повторно да стане позитивен пример во Југоисточна Европа – се вели во изјавата.