Македонија ОМД го поздрави формирањето на новата влада и побара одговорно владеење

ОМД го поздрави формирањето на новата влада и побара одговорно владеење

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја поздравува мирната транзиција на власта што се случи вчера во Македонија и на новата влада ѝ посака многу успех во извршувањето на должностите.

„Следејќи ја 13-годишната практика, ОМД ќе продолжи да соработува и да работи со секоја влада на власт за афирмација на Македонија како уникатен портал во Југоисточна Европа и регионален лидер по својата стабилна социо-економска политика. ОМД е сигурна дека стекнувањето на овој епитет е возможно и ќе се достигне само со напорна работа и реформи преку одговорно владеење на новата македонска влада со исклучително владеење на правото и силна слободно пазарна економија. Исто така, ОМД ќе работи активно новата влада да го почитува суверенитетот, унитарниот карактер и територијалниот интегритет на македонската држава“, се вели во соопштението на организацијата на македонската дијаспора, формирана во 2004 година.

ОМД вели дека и понатаму нејзиниот став е поддршка на Македонија и нејзиното полноправно членство во НАТО и во ЕУ, без промена на името, идентитетот, јазикот и културата на Македонија.