Македонија ОЈО за организиран криминал гони две лица осомничени за трговија со марихуана

ОЈО за организиран криминал гони две лица осомничени за трговија со марихуана

Во координирана акција со Секторот за криминалистички истраги – единица за недозволена трговија со дрога при МВР, Jавното обвинителството за гонење организиран криминал и корупција разбило група што во изминатиот период се занимавала со препродажба на наркотици.

Надлежен јавен обвинител, постапувајќи по поднесена кривична пријава против две лица, денеска до судија на претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје, поднел барање на осомничените да им биде одреден притвор. Тие се товарат за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

Од обвинителството информираат дека според претходно прибавените докази осомничените во септември минатата година купиле и продале 805 грама марихуана во близина на средното училиште „Никола Карев“, во населбата Карпош во Скопје.

Еден од осомничените, се додава во соопштението на обвинителството, утрово бил запрен и уапсен на граничниот премин Деве Баир, на македонско-бугарската граница, при обид да ја напушти државата.

Од Јавното обивнителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека во еден месец разбиле четири нарко-групи, вклучително со денешниот случај.