Македонија ОЈО регистрира 24 изборни нерегуларности во кои нема елементи на кривични дела

ОЈО регистрира 24 изборни нерегуларности во кои нема елементи на кривични дела

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето констатира дека парламентарните избори се одвиваа во мирна атмосфера, без значителен број на изборни нерегуларности, информираат од Јавно обвинителство.

„Во основните јавни обвинителства и на електронската адреса izbori@jorm.mk на која граѓаните можеа да пријават сомнение за сторено кривично дело поврзано со изборите и гласањето, пристигнаа вкупно 24 известувања за настани случени во текот на изборниот процес, вклучитлно и денеска во текот на гласањето. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност и кои се предвидени во Глава 16 од Кривичниот законик. За останатите известувања, јавните обвинители преземаат дејствија во предистражна постапка за да се утврди постоењето на кривичното дело и сторителот,“ се вели во соопштението.

Имено, од вкупно 24 известувања, 3 се однесуваат на настани во различни изборни места и градови, каде лицата кои го остварувале своето право на глас ги сликале гласачките ливчиња. Овие известувања се примени во обвинителстата, но истите се прекршоци согласно член 190 став 2 од Изборниот законик и за постапката по нив надлежни се други органи.

„Известувања се пристигнати и на електронската адреса која Јавното обвинителство ја отвори за на граѓаните да им овозможи директно пријавување на сомненија поврзани со изборите и гласањето. Од нив 7 се поднесени од исто лице – од граѓанска организација која известува за објави по социјалните мрежи со кои наводно се прекршува предизборниот молк или се агитира за гласање за одредени политички партии. Две се од други две лица и се однесуваат на објави на портали и социјални мрежи. Во тек е постапувањето на надлежните обвинителства,“ се додава во соопштението.