Дописници Охриѓани лете работат, зиме се рашетуваат

Охриѓани лете работат, зиме се рашетуваат

Сандански, Банско и Боровец во Република Бугарија се центрите кон кои охриѓани ќе гравитираат оваа зима. Не е помала заинтересираноста и за зимските аранжмани за Копаоник, Златибор и за Стара Планина во Република Србија. Оние со подлабок џеб, оваа зима ќе заминат во ексклузивните зимски центри во Швајцарија, Австрија, Франција, Италија и во Словенија. Охриѓани се заинтересирани и за уште поатрактивни елитни дестинации, како Дубаи, Бали, Израел, Индија и Куба. Има и такви кои можат да си го дозволат луксузот на аранжманите за Кариби, Јужна Африка, Северна Америка, за атрактивни крстосувања и слично.

Според аранжманите во Туристичката агенција „Елида турс“, сепак, најбарана дестинација е Банско, а особено постојат интерес и уплати за хотел „Пирин голф енд спа“, кој е со пет ѕвезди и за кој оваа година се нудат многу добри цени со раните резервации.

– Исто така, охриѓани имаат голем интерес и за Боровец, особено за хотел „Рила“. За оваа зима, интересни се пакетите „сè во едно“, кои вклучуваат четиридневни или седумдневни аранжмани со сместување во хотел и седум полупансиони, ски-карта, ски-учител, а за најмладите во цената е вклучена и детската градинка – вели Елида Битрак од „Елида турс“ за порталот „Охрд њуз“.

Таа објаснува дека за разлика од претходните години, значително е зголемен бројот на рани уплати и на резервации, за кои клиентите добиваат и одредени попусти.

– Седумдневен аранжман со полупансиони, односно со појадок и со вечера, со користење спа-центар, односно отворен и затворен базен, сауна, солариум и слично, за едно лице изнесува од 125 евра па нагоре. Цените за пакетите „сè во едно“, во зависност од периодот, за едно лице дневно изнесуваат од 32,5 евра па нагоре – појаснува Битрак.