Култура „Охридско лето“: Концерт на Сихана Бадивуку-Хоџа и на Маја Кастратовиќ

„Охридско лето“: Концерт на Сихана Бадивуку-Хоџа и на Маја Кастратовиќ

Денешната програмска вечер на фестивалот „Охридско лето“, во црквата „Св. Софија“, ќе ја исполнат Сихана Бадивуку-Хоџа на виолина и Маја Кастратовиќ на пијано, истакнати музички уметници од Македонија.

Сихана Бадивуку-Хоџа своите студии ги почнува на возраст од само 16 години на Државниот конзерваториум во Киев, а една година подоцна заминува на Државниот конзерваториум во Москва, каде ги завршува своите додипломски и постдипломски студии по виолина. Во текот на својата кариера, Сихана Бадивуку-Хоџа настапувала низ голем број земји во светот.

Маја Кастратовиќ дипломирала на престижниот Московски конзерваториум „Петар Илич Чајковски“, а постдипломските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Борис Романов. Остварила бројни солистички концерти низ светот, како и настапи со камерни ансамбли и оркестри.