Дописници „Охридско лето” и уште три регионални фестивали-дел од Которската иницијатива

„Охридско лето” и уште три регионални фестивали-дел од Которската иницијатива

Во Котор, Црна Гора, на иницијатива на меѓународниот фестивал „КоторАрт“, потпишана е Которската иницијатива, Меморандум за соработка на четирите најзначајни регионални летни фестивали: Меѓународниот фестивал КоторАрт (Црна Гора), Дубровнички летни игри (Хрватска), Фестивалот Љубљана (Словенија) и „Охридско лето” (Македонија).

Целта е остварување на подобар дијалог и интензивирање на соработката помеѓу фестивалите, како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.

На потпишувањето на спогодбата присуствуваа и министерот за култура на Република Црна Гора Павле Горановиќ, министерот за култура на Република Хрватска, Берислав Шипуш и секретарот на Директоратот за творештво при Министерството за култура на Република Словенија, Матјаж Шекорања.

Хрватскиот министер Шипуш потенцира дека ваквиот чекор е од особено значење за Црна Гора и Македонија како држави кои се приближуваат кон Европската Унија со оглед на тоа што Хрватска и Словенија се веќе дел од ова семејство.

По потпишувањето на Которската иницијатива, директорите, министрите и претставниците на четирите држави присуствуваа на концертот на Хрватскиот барокен ансамбл и Симфонискиот оркестар на Хрватската радиотелевизија на плоштадот „Св.Влах“ на свеченото затворање на 66. Дубровнички летни игри.

– Секој од овие уметнички фестивали потсетува на она што е веќе Европа. Европа е култура – културата е Европа. Сите овие фестивали , сите наши земји кои вечерва се тука сведочат на фактот дека културата е дел од нас, на секоја нација но и дел од Европа како и дека Европа сама по себе е култура. Европа треба да ја покаже својата култура и во најтешките ситуации па и во овие сега политички кризни – рече Шипуш.

Црногорскиот министер Горановиќ, исто така, го истакна значењето на потпишувањето на Которската иницијатива. Според него оваа иницијатива се гледа и како можност да се презентира црногорската културна понуда во соседните земји.

– Посебно ме радува што оваа иницијатива потекнува од Котор, град кој симболизира соживот и дијалог. Очекуваме од сите потписници на Которската иницијатива во иднина да работат на зајакнување на соработката и потикнувањето на другите културни субјекти да спроведат една ваква иницијатива – потенцираше Горановиќ.

Овој Меморандум е многу важен и затоа што Дубровник се кандидира за Европска престолнина на културата 2020.