Дописници Охридските средношколци в четврток, дел од протестниот марш во Скопје

Охридските средношколци в четврток, дел од протестниот марш во Скопје

Средношколците од двете средни училишта во Охрид, „Свети Климент Охридски“ и „Свети Кирил и Методиј“, и оваа седмица го продолжуваат бојкотот на наставата, барајќи да се врати стариот модел на полагање државна матура и да се укине екстерното тестирање. Тие го почнаа бојкотот на наставата на 7 април.

Охридските средношколци планираат да бидат дел од маршот на „Средношколски пленум“ што ќе се одржи в четврток во Скопје.

– Планираме да бидеме дел од големиот марш во Скопје и сè уште се договараме како ќе стигнеме дотаму. Деновиве ќе се прецизираат и ќе се дефинираат сите наши планови. Во секој случај, нема да отстапиме од нашите барања колку и да бидат глуви одговорните од Министерството за образование. Ова не го правиме од политички побуди, туку сите сплотени сакаме да издејствуваме поквалитетно образование за нас, ама и за идните генерации – велат матурантите од охридската гимназија.

Маршот на „Средношколски пленум“ што треба да се одржи в четврток напладне, ќе почне пред фонтаната во Градски парк во Скопје, а треба да заврши пред зградата на Министертсвото за образование на Република Македонија.