Македонија Охридски полицаец остана без работа откако му нашле кокаин на работното место

Охридски полицаец остана без работа откако му нашле кокаин на работното место

Полицаецот, како што објави МВР, одбил да соработува и не дозволил да му биде извршено испитување за присуство на метаболити од наркотични средства во урината во Институтот за судска медицина во Скопје

Фото: МВР

Прашкаста материја, шише со течност и остатоци од бела прашкаста материја биле пронајдени при контрола на работното место на полицискиот службеник А.М. од Полициската станица Охрид – обезбедување на вила Бела, во сопственост на МВР.

Полицаецот, како што објави МВР, одбил да соработува и не дозволил да му биде извршено испитување за присуство на метаболити од наркотични средства во урината во Институтот за судска медицина во Скопје.

„Исто така, при контролата било констатирано дека А.М. ја преземал смената од С.Т. без да извршат примопредавање, при што С.Т. во објектот го оставил своето формациско оружје со полна рамка со муниција и останата службена опрема за обезбедување на објектот, оставајќи го клучот од просторијата во близина на објектот“, стои во полициското соопштение.

Против А.М., Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе му бидат изречени задолжителни мерки за отстранување од работно место поради оневозможување на утврдување на одговорност за повреда на работните обврски.

Исто така, против полицискиот службеник А.М., СВР Охрид ќе поднесе соодветна кривична пријава.