Дописници Охридска вечер во Белград

Охридска вечер во Белград

Од утре до 22 февруари, во Белград се одржува Туристички саем, годинава 37. по ред, на кој ќе учествуваат и претставници на Општина Охрид, како и четириесетина раководители од туристичкиот бизнис-сектор.

Во рамките на саемот, во ресторанот „ Језеро“ на Ада Циганлија, ќе се одржи традиционалната Охридска вечер, на која се поканети дипломатскиот кор, познати личности од политичкиот и од јавниот живот во Белград, хотелиери, угосители и тур-оператори од повеќе земји-учеснички на саемот.

– Нашата стратегија е што повеќе да ги користиме туристичките саеми како можност за промоција на Охрид како атрактивна дестинација. Оваа недела почнуваме со промоција на Охрид на саемот во Белград, веројатно ќе следи Сараево, Љубљана, Осло, Европскиот парламент , Тел Авив, Москва и други градови.

Целта е, покрај Охрид, да се презентираат и можностите на поширокиот регион, со што ќе се збогати туристичката понуда. Покрај учеството на големи саеми, треба да се наоѓаат и други форми за презентацијата, како што се средби со тур-оператори, новинари и со други чинители од земји за кои сметаме дека се потенцијални емитивни подрачја за развој на туризмот – вели Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид.