Главна секција Охрид во мартовска снежна бајка

Охрид во мартовска снежна бајка

Охрид утринава осамна под мала, но импресивна за поглед и за уживање, снежна покривка, како резултат на студениот бран кој ја зафати земјава.

Врнежите со умерен интензитет престанаа по 7 часот утрово, на коловозите снегот е веќе растопен, но затоа го има со дебелина од десетина сантиметри, на околните возвишенија околу градот.

Особено се забелени снежните врвови на Галичица, како и Јабланица во Струшко, кои се под дебела снежна покривка.
Снег наврна ноќеска и во соседен Поградец во Албанија.

Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и со умерен северен ветер. До вторник ќе има услови за слаб локален дожд, а на повисоките места и на планините слаб снег. Во текот на наредната седмица, утринската температура на места ќе биде негативна, а дневната од среда ќе бележи постепен пораст, информираат од УХМР Македонија.