Дописници Охрид СОС: Палмата е неавтохтон вид за целото подрачје на Македонија

Охрид СОС: Палмата е неавтохтон вид за целото подрачје на Македонија

Здружението за активизам „Охрид СОС“, актуелизирајќи го случајот со садењето палми во Охрид, напоменува дека овој вид е неавтохтон за целото подрачје на Македонија.

Од „Охрид СОС“ наведуваат дека анализирале студија за ефектите од воведување на неавтохтон вид налма врз заедницата на безрбетници во Јужна Калифорнија.

– Направена е споредба со врба и неавтохтоната палма. Резултатите покажале дека во крошната на палмата живеат претежно пајаци и други видови арахниди, додека во крошната на врбата живее многу поразовидна популација. Само за потсетување, пред неколку дена влакнести палми беа засадени на кејот на Охрид и во Скопје и низ градовите Струга и Прилеп. Вид кој е неавтохтон за целото подрачје на Македонија. Сакаме отворено да прашаме дали некогаш беше изработена ваква студија за влијанието врз животната средина и локалните екоситеми со воведување поголем број неавтохтон вид дрва!? Какви ќе бидат далекусежните последици? – прашуваат загрижено од здружението.

Оттаму велат дека се свесни за постоењето на бројни проблеми што го тиштат градот, но во рамките на нивната активистичка работа е грижата за средината.

– Согласни сме дека има многу поголеми проблеми и посериозни закани по животната средина во Република Македонија. Ама до моментов, „стручната јавност никој не ја есапи“, ниту некој ги прашал, затоа што не сме реагирале за секое уништување на животната средина – без разлика колку е мало или големо. Срамно е што не се прават детални процени за последиците. Срамно е што не се бара мислење од стручни лица. И најсрамно е што нема отворени дискусии со населението кое таму живее – велат од здружението.