Дописници Охрид распродаден за новогодишните празници

Охрид распродаден за новогодишните празници

Македонскиот туристички центар Охрид ќе биде целосно исполнет со гости, новогодишни славеници од земјата и од странство. По традиција, најбројни се гостите од Бугарија и од Србија, но резервирале и гости од Албанија, Грција, Словенија, Полска и од други земји.

Од најголемите сместувачки капацитети, хотелите „Метропол“ и „Белви“, велат дека најголемиот дел од резервациите ги направиле бугарските туристички оператори.

Од хотел „Силекс“ информираат дека капацитетот е исполнет со групни резервации на гости од Бугарија, Србија, Словенија и од Полска. Освен сместувањето, аранжманите вклучуваат и организиран свечен дочек.

Новиот хотел „Тино“, во туристичката населба Свети Стефан, во понудата се потпира на внатрешниот затоплен базен како и бањскиот центар кој располага со џакузи, сауна и бања на пареа, по што е единствен во Охрид. Задоволни се од резервациите на гости од Србија и од Бугарија.

Освен во поголемите хотелски сместувачки капацитети, интерес има и за приватното сместување. Цената за изнајмување кревет во приватното сместување се движи од 400 до 500 денари, додека, пак, комплетно уредените апартмани и станови се издаваат од 1.000 до повеќе од 3.000 денари по вечер.

Во оваа категорија на сместувачки капацитети очекувањата се дека најбројни ќе бидат гостите од Србија и од Македонија, главно од Скопје и од Битола.