Дописници Охрид: Плажите преполни, водата во езерото чиста и топла

Охрид: Плажите преполни, водата во езерото чиста и топла

Дење топло, но сè уште подносливо, навечер свежо за прошетки и за седенки по кафулињата и во рестораните. Во ваква атмосфера нашиот туристички центар Охрид ја живее главната сезона, со многу гости од земјата и од странство.

За време на викендите, нови бранови гости од Битола, Скопје и од други македонски градови, го посетуваат Охрид, создавајќи метеж и редици со долги колони возила во правец на плажите.

На рака им одат и резултатите од последно извршените анализи на земени 30 примероци од површинската вода на Охридско Езеро, кои покажуваат дека во најголем дел водата е од прва класа и е погодна за капење.

Од Центарот за јавно здравје, информираат дека 60 проценти од примероците на површинската вода покажале дека водата е од прва класа, додека другите анализирани примероци покажале дека водата е од втора класа. Од трета класа е водата на Велгошка Река.

Температурата на вода во крајбрежниот дел на Охридско Езеро, од македонска страна, во моментов е 23 Целзиусови степени, додека температурата на воздухот напладне е околу 30 Целзиусови степени. Навечер, се симнува на пријатните 22 степени.