Дописници Охрид: Десетина милиони денари – стимул на локалниот економски развој

Охрид: Десетина милиони денари – стимул на локалниот економски развој

Општина Охрид, за наредната година, ќе издвои десетина милиони денари за стимулирање на локалниот економски развој. Во согласност со нацрт-програмата за развој за 2015 година, дел од овие средства – околу три милиони денари, Општината планира да ги обезбеди од буџетот, а поголемиот дел од собрани приходи по други основи.

За да се засили локалниот економски равој и да се зголеми конкурентноста на претпријатијата, ќе се спроведат стимулативни мерки како модел за поддршка на развојот на мали и на средни претпријатија и на претприемништво, интензивна промоција на економскиот потенцијал на општината и слично.

За реализација на програмските активности, ќе бидат организирани тематски форуми, презентации, а ќе се засили учеството на саеми и на други промотивни настани во Македонија и во странство, во соработка со бизнис-заедницата од Охрид, стопанските комори и со други институции од реалниот економски сектор.

Предвидени се средства за ажурирање и за печатење брошура „Инвестирајте во Охрид“, а ќе бидат воспоставени и ќе се одржуваат партнерски односи со европски градови и институции. Една од новините ќе биде „Денови на дијаспората“, за што, велат во локалната самоуправа, се подготвува осмислена програма за анимирање и за сеопфатно информирање на сонародниците иселени во странство.