Дописници Охрид: Денеска пристигнува првата група туристи од Бенелукс

Охрид: Денеска пристигнува првата група туристи од Бенелукс

На охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ денеска треба да пристигне првата група туристи од земјите на Бенелукс, кои годинава летниот одмор ќе го поминат на охридското крајбрежје.

Станува збор за туристи кои ќе летуваат преку аранжманите што ги нуди тур-операторот „Корендон“, заедно со македонскиот партнер „Фибула травел“.

За патниците на првиот чартер-лет „ТАВ Македонија“ најави пригоден пречек.

За 10 мај во Охрид најавено е да пристигне и првата група туристи од Бенелукс, преку аранжманите на туроператорот „ТУИ Аркетравел“.

Последните туристи од земјите на Бенелукс ќе заминат од Македонија некаде кон средината на октомври, што е значително продолжување на сезоната.

Домашните и странски туристички оператори се задоволни од продажбата на аранжманите за Охрид, кои бележат пораст за околу 30 проценти, споредено со истиот период минатата година.

Процените на „Корендон“ и на „ТУИ“ се дека во текот на оваа летна сезона во Охрид и во Струга ќе летуваат околу 25.000 туристи од Холандија, Белгија и од Луксембург.