Дописници Огревното дрво во Битола достигна цена до 55 евра за кубен метар

Огревното дрво во Битола достигна цена до 55 евра за кубен метар

Недостигот од дрва за огрев и нивната ненавремена достава е најголемата мака за битолчани пред престојната зима. На само еден месец пред почетокот на грејната сезона, дури 25 отсто од граѓаните кои уплатиле дрва во подружницата на „Македонски шуми“ не ги добиле.

Во исто време, од ден на ден се зголемува цената на огревното дрво кај приватните набавувачи. Така, цената за еден кубен метар дабово дрво се движи од 3.100 до 3.400 денари во приватните складишта.

– Останав без дрва и по една недела талкање и молење по приватните складишта, едвај успеав да набавам четири кубни метри дабово дрво. Многу е скапо, едвај се испазарив за 50 евра за кубен метар – вели пензионерка од Битола.

Директорот на подружницата на „Македонски шуми“ од Битола, Митко Стојановски, за медиумите објасни дека нема простор за паника кај населението, иако годинава побарувачката на дрва во градот се зголемила за 20 проценти.

Цените во „Македонски шуми“ се 2.661 денар за еден кубен метар дабово дрво и 2.570 денари за буково дрво.

„До почетокот на грејната сезона се очекува да заврши испораката и за преостанатите 25 проценти од огревното дрво. Ги преземаме сите мерки и оние граѓани кои досега не уплатиле, да можат да платат околу 15 септември, затоа што тогаш ќе извршиме дистрибуција на поголеми количества дрва до складот – вели Стојановски.

Од „Македонски шуми“ во Битола најавија дека за ранливите категории граѓани имаат 10 проценти попуст на огревното дрво.

А.Б.