Македонија Одложено судењето на Латас и Лазаров за случајот со спорниот поткаст

Одложено судењето на Латас и Лазаров за случајот со спорниот поткаст

За кривичното дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ предвидена е казна затвор од една до пет години

фото: принтскрин / видео од каналот „LAZAROV“ на Јутјуб

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска требаше да започне судењето против Драган Павловиќ – Латас и јутјуберот Стефан Лазаров, кои се обвинети за „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Откако Лазаров и Латас седнаа на обвинителна клупа, судењето се одложи поради тоа што адвокатката на Латас истовремено била на друго судење и не можела да присуствува на денешното рочиште за овој случај.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска следното рочиште од судењето го закажа на 10 мај.

Во видео-емисија на каналот на Стефан Лазаров на Јутјуб која се емитуваше во живо, Драган Павловиќ – Латас како гостин низ смеа раскажа случај на сексуално насилство врз жена додека бил тинејџер, додека водителот Лазаров на тоа реагираше со смеење и потпрашања за експлицитните содржини.

По гласните реакции во јавноста, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет, во кој двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

Основниот кривичен суд Скопје му го одзеде пасошот на Латас како првообвинет, а дополнително, нему и на Лазаров им забрани јавен настап со кој се промовира ширење расизам и ксенофобија.

За кривичното дело за кое се обвинети е предвидена казна затвор од една до пет години.